Мобилизација на резервистите во Украина

Шефот на Украинскиот совет за национална безбедност и одбрана, Андриј Парубиј, најави мобилизација на воените резервисти. Тој изјави дека Советот му наредил на Министерството за одбрана „да ги повика сите оние од кои вооружените сили имаат потреба во моментот ширум Украина“ и додаде дека мерката е за да се „обезбеди безбедноста и територијалниот интегритет на Украина“.

Горниот дом на рускиот парламент вчера му одобри на претседателот Владимир Путин користење на војската за да се заштитат етничките Руси во Украина.

Украинскиот министер за одбрана, Ихор Тенјук, претходно ја обвини Русија дека од петокот испратила 6.000 војници и 30 оклопни возила во кримскиот регион во Украина „без предупредување или украинска дозвола“.