Иванов повторно кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател

Актуелниот претседател Ѓорге Иванов повторно е избран за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на изборите за шеф на државата што ќе се одржат на 13 април. Иванов доби поддршка од 1.099 од вкупно 1.236 делегати кои присуствуваа на денешната конвенција на владејачката партија.

Противкандидати на Иванов му беа универзитетскиот професор Јове Кекеновски кој освои 124 гласови, магистерот на науки Божидар Ночев доби еден, а адвокатот и поранешен јавен обвинител Ставре Џиков десет гласови од делегатите на конвенцијата. Две гласачки ливчиња се наважечки.

Иванов се заблагодари за огромната поддршка што ја одби од членовите и делегатите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а која, рече, бара голема одговорност. Тој го повика членството да биде единствено како денеска и на изборите што престојат – претседателски и предвремени парламентарни. Нè очекува нова борба, битка за нова победа, рече Иванов.

„Ветувам дека како досега така и отсега, доколку ја добијам повторно довербата на граѓаните ќе работам во интерес на сите граѓани на цела Македонија. Да покажеме на светот дека постои една земја што се вика Македонија, дека во таа земја има луѓе што се горди на своите предци и кои прават се да обезбедат услови за своите потомци“, истакна Иванов.

Да продолжиме, повика тој, обединети и силни по аманетите на нашите предци зашто сега имаме држава.