Груевски - Претседателот треба да е обединувачки фактор

На Македонија и е потребен претседател кој ќе биде обединувачки фактор и достоинствено ќе је претставува државата и граѓаните, истакна премиерот Никола Груевски на денешната конвенција на ВМРО-ДПМНЕ на која се избира кандидатот на партијата за претстојните претседателски избори на 13 април.

„Нашиот избор е Македонија. Ни треба човек кој по изборот ќе биде обединувачки фактор во земјата и ќе се грижи за интересите на граѓаните без разлика на нивната религија, верска припадност, социјален статус, партиска определеност или образование и достоинствено ќе ја преставува Македонија. Само така ќе биде корисен за државата. Стабилна личност која ќе знае да повлече луди чекори од државен и национален интерес, кој знае да издржи неправди и критики и да остане со здрав разум при носењето на одлуките“, им порача Груевски на 1236 делегати кои треба да го изберат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за шеф на државата.

Тој ги потсети делегатите дека имаат одговорност кон сите граѓани, кои очекуваат зрела и одговорна одлука на ВМРО-ДПМНЕ и избор за Македонија.

Делегатите на денешната конвенција избираат меѓу четворицата кандидати кои доставија свои кандидатури до партијата - актуелниот претседател Ѓорге Иванов, универзитетскиот професор Јове Кекеновски, магистерот на науки Божидар Ночев, како и адвокатот и поранешен државен јавен обвинител Ставре Џиков.