Јапонија - Протести за Фукушима

Стотици демонстранти денеска се собраа во Токио на протести против одлуката за отфрлање на кривичните пријави поврзани со нуклеарната катастрофа во Фукушима. Големо цунами предизвикано од силен земјотрес ја погоди нуклеарната централа во 2011 година и предизвика огромни штети. Радијацијата контаминираше голема населена област. Никој не загина како резултат на несреќата, но многумина се самоубија, а десетици илјади луѓе не може да се вратат во своите домови. Никој од компанијата ТЕПЦО, што управува со централата, ниту, пак, од јапонската влада не беше казнет за несреќата, иако во парламентарниот извештај се наведува дека тоа била катастрофа предизвикана и од човечки фактор, а не само од цунамито. Фукушима оттогаш е затворена.