Конвенција на ВМРО-ДПМНЕ за избор на претседателски кандидат

Архивска фотографија: Претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов зборува на изборната конвенција на ВМРО-ДПМНЕ во 2009 година.

ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе одржи Конвенција на која 1.300 делегати треба да изберат претседателски кандидат за претстојните петти избори за шеф на државата закажани за 13 април.

Делегатите ќе избираат меѓу четворицата кандидати кои доставија свои кандидатури до партијата - актуелниот претседател Ѓорге Иванов, универзитетскиот професор Јове Кекеновски, магистерот Божидар Ночев, како и адвокатот и поранешен државен јавен обвинител Ставре Џиков.

Секој од кандидатите ќе има еднакво време и право за претставување пред делегатите.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, пак, синоќа на седница расправаше и за одржување на предвремени парламентарни избори, откако коалицискиот партнер во Владата ДУИ најави дека ќе поднесе барање за распуштање на Парламентот и распишување парламентарни избори. Претходно, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и претставници на партијата имаа средба со лидерите на помалите политички партии кои се нејзини коалициски партнери. Доколку биде постигнат договор за предвремени парламентарни избори, најчесто спомнувана можност во јавноста беше тие да се одржат на 27 април, паралелно со вториот круг од претседателските. Во таков случај Собранието треба да се самораспушти во првата недела од март, а тие да бидат распишани во периодот од 10 до 13 март.