Јанукович пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг

Украинскиот парламент гласаше отстранетиот претседател Виктор Јанукович и неговите помошници да бидат изнесени пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг за сериозни кривични дела. Претходно во Киев шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон побара од Русија да се однесува како добар сосед спрема Украина во нејзиниот избор за натамошната судбина. Таа им даде силна поддршка на новите украински лидери. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на денешната прес конференција во Москва со министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Азелборн пак, изјави дека Украина не треба да се присилува во изборот за поблиски односи со Русија или со Западот. „Тоа е опасно и контрапродуктивно“, оцени Лавров, повторувајќи дека Русија не се меша во внатрешните работи на Украина и оти тоа го очекува од западните партнери.