САД изненадени од оставката на египетската влада

Египетскиот премиер Хазем ел-Беблави.

Американски претставници соопштија дека се изненадени од оставката на египетската влада на премиерот Хазем ел-Беблави која е поддржана од армијата и оти сакаат повеќе информации за одлуката. Египетски претставници, пак, велат дека оставката го отвора патот за министерот за одбрана Абдел Фатах ал-Сиси да се кандидира на претседателските избори во април. Сиси сè уште не ја објавил својата кандидатура, но се очекува да победи ако се кандидира. Портпаролката на американскиот Стејт департмент, Џен Псаки, изјави дека фокусот на Вашингтон е насочен кон поттикнување на Египет да преземе чекори кон транзиција до демократска цивилна влада изгласана на веродостојни и транспарентни избори. Владата на Беблави положи заклетва на 16 јули минатата година, откако египетската армија го собори исламистичкиот претседател Мохамед Морси.