Грузискиот премиер на средбa со Обама и Бајден

Грузискиот премиер Иракли Гарибашвили во Вашингтон се сретна со американскиот претседател Барак Обама и со потпретседателот Џо Бајден. Во соопштението од Белата куќа се наведува дека Обама и Бајден му честитале на Гарибашвили за „завршувањето на првата мирна промена на власта во земјата“. Тие го повикале грузискиот премиер да продолжи да работи со сите политички лидери во земјата, како и со граѓанскиот сектор, на унапредување на владеењето на правото и консолидирање на демократскиот прогрес. Тие исто така ѝ се заблагодариле на Грузија како сигурен партнер во регионалните и светски прашања, како што е придонесот на Тбилиси во меѓународната мисија во Авганистан. За време на неговата еднонеделна посета на Вашинготн, Гарибашвили треба да се сретне и со државниот секретар Џон Кери со кого треба да разговара за имплементацијата на повелбата за стратегиско партнерство од 2009 година. Во грузиската делегација се и министрите за надворешни работи и за економија, како и претставници задолжени за инвестиции и интеграција во ЕУ и во НАТО.