Во Лондон конференција: Инвестирање во Западен Балкан

Илустрација

Премиерите на земјите од Западен Балкан, во Лондон ќе учествуваат на конференција на тема „Инвестирање во Западен Балкан“ во организација на Европската банка за обнова и развој.

Целта на средбата е иницијативата за нов пристап на економско управување кој бил тема во ноември минатата година на состанок на високо ниво меѓу Европската комисија и главните меѓународни финансиски институции, при што било договорено како најдобро да ги координираат напорите во периодот 2014-2020 и во рамки на нивниот мандат да го поттикнат растот во земјите од Западен Балкан.
Се очекува премиерот на Македонија, Никола Груевски, пред присутните да се осврне на соработката со ЕБОР, можностите и капацитетите за нејзино интензивирање, како и за стратешките инфраструктурни проекти на Владата во сферата на патната инфраструктура, изградбата на Коридорите 8 и 10, инвестициите во енергетиката, железницата и посветеноста кон привлекување инвестиции како механизам за обезбедување економски напредок на државата и перспектива за развој на регионот.

Во минтата година ЕБОР инвестираше во повеќе од 80 проекти во Западен Балкан 1,2 милијарди евра. Досегашната вкупна инвестиција на ЕБОР во регионот во сите овие години е околу 10,5 милијарди евра.