Соработник на Тимошенко стана нов парламентарен спикер

Пратениците во Киев гласаа за ослободување на поранешната премиерка, Јулија Тимошенко и нејзиното ослободување се очекува во секој момент. Украинскиот парламент го избра опозицискиот пратеник, Арсен Аваков за Министер за внатрешни работи до формирањето на новата коалициона влада.

Олександар Турчинов, десна рака на поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко која моментално е во затвор е избран за нов претседател на парламентот на Украина. За него гласаа 288 од вкупно 450 пратеници. Турчинов на местото претседател на парламентот го замени Володимир Рибак, близок соработник на шефот на државата, Виктор Јанукович.

Лидерот на опозицијата на Украина Виталиј Кличко претходно изјави дека парламентот мора да го разреши претседателот Виктор Јанукович и да одржи предвремени претседателски избори најдоцна 25 мај 2014. Кличко изјави пред парламентот дека денеска Јанукович го напуштил главниот град, и дека " парламентот е единствениот легитимен орган на власта".

Според извештаите на медиумите 13 законодавци ја напуштиле Партијата на регионите на Јанукович во саботата. Претходно, претседателот на про-владиниот парламент Володимир Рибак поднесе оставка, поради „лошото здравје“.