Венизелос: Има обострана подготвеност за забрзување на дијалогот за името

Постои обострана подготвеност за интензивирање на разговорите за спорот за името под покровителство на ОН, како и за јакнење на билатералните односи. Ова е оценката на грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос по средбите во Скопје со македонскиот државен врв и со претставниците на политичките партии.
По средбата со премиерот, рече Венизелос, констатирав заедничка подготвеност да се искористат во целост процедурите преку ОН и амбасадорот Нимиц зашто заедничка ни е желбата да се интензивираат процедурите со почитување на релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН.

- Мој личен впечаток по средбите е дека Владата, политичките партии и граѓанското општество се подготвени да учествуваат во дијалогот не само за прашањето за името, туку и за унапредување на билатералната соработка, бидејќи на сите овде им е јасно дека Грција е излезот кон ЕУ интеграциите за оваа земја, подвлече Венизелос.
Тој најави дека ќе го покани неговиот македонски колега Никола Попоски во Солун, кон крајот на април на министерскиот состанок на одбележување на солунската агенда како одлична можност за нов поттик на евроинтеграцијата на регионот што Грција го организира како актуелен претседавач со Унијата.

Венизелос останува на ставот дека името не е главна пречка за отворање на пристапните преговори со Македонија, туку исполнувањето на критериумите од Копенхаген и особено почитувањето на добрососедските односи.