Примирје меѓу власта и опозицијата во Украина

Украинскиот претседател Виктор Јанукович и лидерите на опозицијата се договорија за примирје и почеток на директни преговори за завршување на кризата во земјата. Јанукович ова го соопшти на претседателската интернет страница по синоќешните разговори со трите главни опозициски лидери во Киев. Поранешниот министер за економија, Арсениј Јаценјук, кој учествуваше на средбата, во соопштението објавено на интернет страницата на неговата партија Татковина, пишува дека „упадот на Маидан(Плоштадот на независноста), кој властите го планираа за денеска, нема да биде спроведен“.

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека примирјето меѓу украинската влада и демонстрантите „може да се одржи“, но дека во крајна линија Украина треба да се движи кон влада на национално единство и слободни и фер избори. Зборувајќи во Мексико, неколку часа по објавата на договорот за примирје, Обама рече дека на насилните судири меѓу владите и граѓаните во Украина и во Сирија не гледа како на „шаховска партија од Студената војна“ меѓу САД и Русија.

Војна во Киев


Во меѓувреме, лидерите на НАТО ја повикаа украинската армија да не се меша во граѓанскиот конфликт во земјата. Генералниот секретар на НАТО, Андрес Фог Расмусен го предупреди Киев дека ако армијата се вмеша, ќе се влошат односите Алијансата.

Претходно, Јанукович назначи нов шеф на Генералштабот на украинската армија. Министерството за одбрана исто така соопшти дека војската може да учествува во антитерористичката операција ширум земјата што ја организира службата за државна безбедност. Војската може да се користи во земјата само ако биде прогласена вонредна состојба.

Најмалку 26 луѓе загинаа ова недела во крвопролевањето што изби на протестите против Јанукович што почнаа во ноември минатата година.