Седница на Собранието на Република Македонија

Собранието на Република Македонија денеска треба да ја одржи 85-тата седница на чиј дневен ред се предлог законите за изменување и дополнување на Законот за вработување и работа на странци, на Законот за социјалната заштита и на Законот за агенциите за привремени вработувања, сите во второ читање.
На дневниот ред се и Предлогот за именување член на Регулаторната комисија за енергетика, како и дополнетите предлог закони за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта, на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, и на Законот за здравствената заштита, трите во второ читање.

Пратениците треба да ги изгласаат и предлог одлуките за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција во Авганистан во состав на меѓународните сили за безбедносна поддршка на Авганистан - ИСАФ, и за учество во мировната операција на Европската унија во Босна и Херцеговина ЕУФОР, АЛТЕА.