Конгресмени со поддршка за дипломатијата во „иранското прашање“

Повеќе од 100 членови на претставничкиот дом во американскиот Конгрес потпишаа писмо за поддршка на „цврста дипломатија“ со Иран како „најдобра можна стратегиска опција“. Потписниците сметаат дека Конгресот треба да и даде шанса на дипломатијата со Иран.
„Мора да се избегне закон или резолуција која ризикува распаѓање на нашата меѓународна коалиција или, уште полошо, нарушување на нашиот кредибилитет во идните преговори и загрозување на тешко стекнатиот напредок кон конечен договор“, се наведува во писмото. Тоа е потпишано од 100 демократи и 4 републиканци.
Американската администрација предупредува дека нови санкции би ја попречиле дипломатијата со Техеран.
Претставници на Иран и на големите сили треба да се сретнат во идната недела во Виена на нова рунда разговори за нуклеарното прашање.