Пентагон „не е загрижен“ за плановите на иранската морнарица

Ирански воен брод.

Пентагон соопшти дека „не е загрижен“ поради најавата од Иран дека ќе испрати воени бродови кон американските води. Ирански морнарички офицер во саботата изјави дека бродовите се „приближуваат кон поморските граници на САД“, пренесе новинската агенција Фарс.

Портпаролот на Пентагон, полковник Стив Ворен, изјави дека тие немаат информации дека бродовите се приближуваат кон Атлантикот. Тој рече дека ако иранските бродови се упатат кон Атлантикот, „не треба да се изненадат ако видат и многу други морнарици“ кои пловат таму.

Агенцијата Фарс пренесува дека планот бил дел од „иранскиот одговор на засиленото американско морнаричко присуство во Персискиот Залив“. САД и нивните сојузници редовно одржуваат поморски вежби во Персискиот Залив, со образложение дека сакаат да овозможат слобода на пловидба во овој воден пат, кој е клучен за извозот на нафта.