Даниелсон - Заев за престојните претседателски избори

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев и заменик претседателката Радмила Шекеринска денеска остварија средба со директорот на Директоратот за проширување на ЕК Кристијан Даниелсон, евроамбасадорот Аиво Орав и шефот на Одделот за Македонија, Дејвид Кален.
На состанокот една од темите за која е разговарано се претстојните претседателски избори.
Заев истакнал дека СДСМ дал придонес во политичкиот дијалог за Изборниот законик според препораките на ОБСЕ/ОДИХР и оти почитувањето и имплементацијата на договореното ќе значи испраќање на позитивен сигнал дека земјата е подготвена да спроведе фер и демократски избори.
Двете страни, како што се вели во соопштението, се согласиле дека правилата на игра во политичката битка треба да важат за сите учесници во изборниот процес, со цел да се манифестира демократски капацитет на земјата.
Директорот на Директоратот за проширување на ЕК истакнал дека едно од најважните прашања за Република Македонија е што е можно побрзо да стане членка на НАТО и да добие датум за почеток за преговори со Европската унија. Притоа, како што се истакнува во соопштението на СДСМ, било истакнато дека внатрешните реформи, слободата на медиумите, независноста на судската власт, владеењето на правото и подобрувањето на добрососедските односи се клучни на патот кон таа цел.