Како се финансира кампањата против опозицијата?

Совршено е јасно дека вистинската причина за ваквите реакции на СДСМ не е чинењето на кампањата, туку реалната порака која се испраќа со нејзе, се наведува во реакцијата од ВМРО - ДПМНЕ на денешната прес-конференција на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов. Според ВМРО - ДПМНЕ, сите нивни активности се во согласност со законите.

СДСМ, имено ја повика ВМРО-ДПМНЕ да одговори со кои пари ја финансира кампањата против опозицијата и да и ги достави на јавноста конкретните фактури со кои го плаќа телевизиско време, фактурите за билбордите и за рекламните страници по весниците.

Портпаролот Петре Шилегов повикувајќи се на извештајот од Државниот завод за ревизија од 15 ноември минатата година рече дека за тоа во него нема податоци.