Обама засега се избори против нови санкции кон Иран

Американскиот претседател Барак Обама се чини дека засега успеа во кампањата Конгресот да не усвои нови санкции против Иран додека трае дипломатската иницијатива за нуклеарната програма на Техеран. Во обраќањето до нацијата во вторникот навечер, Обама најави дека ќе стави вето на секој обид за нови санкции против Иран додека траат разговорите за трајно решение на нуклеарниот спор. Тој исто така рече дека ќе поведе кампања за нови санкции ако договорот не се постигне наскоро. По неговиот говор, неколку демократски сенатори кои поддржуваа нови санкции се повлекоа од предлогот, велејќи дека сега не е време за тоа. Западните земји сметаат дека Иран се обидува да направи атомско оружје, но Техеран негира.