ЗНМ со вознемиреност ги следи новинарските препукувања

Логото на Здружение на новинари на Македонија ЗНМ

Здружението на новинари на Македонија смета дека не e прифатливо во јавноста да се создава перцепција дека најголемиот проблем во Македонија се новинарите.

Во изјава за Радио Слободна Европа извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски изјави дека здружението со вознемиреност ги следи последните препукувања меѓу новинарите кои прават голема штета на професијата.

Тој објаснува дека последните случувања им идат во прилог само на центрите на моќ кои би сакале да се урне довербата на јавноста кон медиумите, а со тоа губат сите новинари и целата јавност.

ЗНМ апелира новинарите и медиумите да се насочат кон теми за кои вистински ги засегаат граѓаните, а при своето известување да го почитуваат Етичкиот кодекс, да известуваат врз основа на докази и факти, да ја почитуваат пресумпцијата на невиност и да ги проверуваат информациите кај сите засегнати страни.

Секуловски вели дека не е спорно дека новинарите се јавни личности и дека може да бидат од интерес на медиумите но не е дозволиво со денови главна тема да бидат новинарите и медиумите а темите кои се од суштинско значење за јавноста да паднат во втор план.