МО: дезинформација е дека Аврамопулос ја прекинал македонската химна

Груба дезинформација е дека при вчерашната посета на министерот за одбрана Талат Џафери на Атина, неговиот грчки колега Димитрис Аврамопулос го прекинал интонирањето на македонската химна- реагираат од македонското Министерство за одбрана за НОВА ТВ.

Образложението е дека вчерашната посета на министерот Џафери на Атина имала работен карактер и на таква средба која не е официјална, според протоколарните правила не е обврзувачко интонирањето на националните химни.

Претходно МИА ги пренесе пишувањата на грчките медиуми дека Аврамопулос ја „исекол“ македонската химна, која според Грците е „провокативна, затоа што во неа дури шест пати се спомнува терминот Македонија“.

Пред Министерството за одбрана само се веело македонското знаме, веднаш до знамето на Грција.

Во врска со средбата на двајцата министри, медиумите подвлекуваат дека прашањето за името било една од централните теми, при што Аврамопулос ги повторил ставовите на Грција и рекол дека постигнување взаемно прифатливо решение ќе помогне да се реши хроничниот проблем меѓу двете земји.