Почнува мировната конференција за Сирија

Бан Ки Мун пристигнува на конференцијата за Сирија

Преговарачите на сириската влада и на умерената опозициска коалиција поддржана од Западот, се наоѓаат во швајцарскиот град Монтре, каде што денеска треба да почнат мировни разговори. Конференцијата, позната како „Женева 2“, претставува прво седнување на преговарачка маса на претставници на опозицијата и на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, по избувнувањето на конфликтот пред речиси три години. Претставници од околу 40 други земји, меѓу кои и од Русија и САД, ќе присуствуваат на разговорите, кои ќе се преселат во Женева подоцна оваа недела.
Иран, главен сојузник на сирискиот режим, вчера соопшти дека очекува неуспех на разговорите. Оваа изјава доаѓа откако генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ја повлече поканата за Техеран да учествува на состанокот.