Венизелос би можел наскоро да допатува во Скопје

Грчкиот заменик-премиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос во вчерашното обраќање пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент најавил дека би можел во наредните денови да го посети Скопје како актуелен претседавач со ЕУ, но ги повторил и грчките позиции во однос на прашањето за името и евроинтеграцијата на Македонија.
- Грчкото претседателство ќе ги имплементира заклучоците од декемврискиот состанок на Европскиот совет. Како претседавач подготвен сум во наредните денови да ги посетам сите земји во регионот, вклучувајќи го и Скопје, без никаква разлика или дискриминација, и ќе имаме можност за дискусија меѓу претседателството на Советот и Владата на ПЈРМ, кажал Венизелос.
Венизелос, како што пренесуваат медиумите во Грција, пред европратениците ги повторил и грчките „црвени линии“ во однос на спорот за името, оценувајќи ги како „умерени и разумни“.
Прифаќаме сложено име со географска одредница што би го содржел терминот Македонија, но тоа треба да биде за севкупна употреба. Тврдењата од другата страна дека „не можеме да го менуваме нашиот Устав“ се неприфатливи за европска земја, бидејќи сите европски земји постојано ги менуваат своите национални устави најчесто за да се прилагодат на европското законодавство и да се воспостави единствен европски уставен простор, истакнал Венизелос, додавајќи оти македонскиот Устав веќе претрпел измени со Охридскиот договор.
Проблемот со евроинтеграцијата на Македонија, според него, не е името, туку Копенхашките критериуми и внатрешните проблеми како што се демократијата, владеењето на правото, човековите права, како и големите отворени прашања со соседите, вклучувајќи ја и Бугарија, прашања кои, како што навел, се поврзани со европските вредности што треба да ги почитува секоја земја кандидат за членство во ЕУ.