Протести во Турција во чест на новинарот Хрант Динк

Илјадници демонстранти се собраа на Плоштадот Таксим во Истанбул на седумгодишнината од убиството на познатиот турски новинар со ерменско потекло, 52-годишниот Хрант Динк, барајќи правда за неговата смрт. На плоштадот се распоредени турските специјалци. Демонстрантите извикуваа „Ова е на сметка на државата убиец“ и „Сите сме Хрант Динк, сите сме Ерменци“. Динк, кој беше водечки член на малата ерменска заедница во Турција, беше застрелан на сред бел ден пред канцелариите на весникот Агос од ултранационалистички тинејџери. Динк разгневи многумина турски националисти затоа што ги нарече геноцид масовните убиства на Ерменците во Првата светска војна. Поддржувачите на Динк велат дека државата го заташкала случајот и ја обвинуваат владата дека штити функционери наводни вмешани во неговото убиство.