Со поскромни подароци до помалку проблеми за Водици

Даниел Дончевски од скопската населба Маџари го фати крстот во реката Вардар во Скопје. За крстот оваа година се бореа 200 луѓе. Ова е трет пат како Дончевски го фаќа крстот за празникот Богојавление - Водици.

Годинашното чествување на Богојавление и обредот на скокање по крстот беше одбележан со нетрпеливост од учесниците, кои влегоа во реката уште пред да бидат прочитани евангелијата. На неколку пати интервенираше и поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот г.г. Стефан со цел да се обезбедат потребните услови за фрлање на крстот. Поради тоа, од МПЦ најавија дека идната година подароците ќе бидат сведени на минимум.

Тоа ќе биде икона во чест на крштевањето на Господ Исус Христос, и оние што имаат желба да се натпреваруваат, целта треба да им биде духовното раѓање, велат од свештенството.