Грчки медиуми - Венизелос и Кери малку разговарале за името

Џон Кери.

Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос и американскиот државен секретар Џон Кери само кусо се осврнале на прашањето за името на Македонија, додека за другите прашања разговарале многу подетално, јавуваат денеска грчките медиуми.

Како што пренесува дописникот на МИА од Атина, дури ни грчкото МНР во соопштението од средбата во Вашингтон, кое всушност е транскрипт од изјавите на двајцата министри, воопшто не го споменува прашањето за името.
„Зборувавме и за поширокиот регион на Западен Балкан... Дискутиравме за европската перспектива на нашите соседни земји, која ние ја поддржуваме под услов да ги исполнат критериумите“, ја пренесува грчкото МНР изјавата на Венизелос.

Провладиниот весник „Катимерини“ од извори во грчкото МНР дознава дека американскиот државен секретар „покажал само мал интерес“ за прашањето за името на Македонија, додека за односите со Турција било разговарано во детали.