Мијалков ја доби тужбата против Фокус, реагира Синдикатот

Основниот суд Скопје 2, поточно судијката Јованка Спировска-Панева донесе пресуда со која, Јадранка Костова, главен и одговорен уредник на „Фокус“, е казнета со 5.000 евра, новинарот Владо Апостолов со 1.000 евра, а уредникот и новинарот треба да ги надоместат и судските трошоци на адвокатот на Мијалков, Антонио Апостолски, во вредност од 3.312 евра.

Во судскиот процес обвинет беше и поранешниот амбасадор на Македонија во Чешка, Игор Илиевски, кој, пак, на Мијалков, исто така треба да му плати 10.000 евра.

Првиот човек на УБК, Мијалков, тужбата против сега згаснатиот дневен „Фокус“ ја поднесе поради два објавени текста, во кои написи се засновани врз изјави на поранешниот амбасадор Илиевски, што значи дека весникот е казнет поради пренесени изјави.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека казната досудена за клевета за новинарот Владо Апостолов и за уредникот на неделникот Фокус Јадранка Костова по тужба на шефот на службата за безбедност Сашо Мијалков е јасен показател за односот на судската власт кон слободното новинарство од една и власта од друга страна.

Брзите и високи казни за новинарите, надополнети со исклучително високи судски трошоци, кога како тужител се јавува носител на јавна функција, ја илустрираат тенденцијата во Македонија за гушење на слободата на изразување и непочитување на фундаментите на демократската пракса која почива на максимата дека новинарството има задача и должност да ја преиспитува и критикува работата на власта.


Казните за новинарите на Фокус е показател за исклучително непријателскиот и репресивен амбиент во кој функционираат новинарите во Македонија за што синдикатот ќе ги информира сите релевантни меѓународни организации на новинарите, вклучително и Меѓународната федерација на новинарите каде ССНМ е полноправна членка, соопштува Синдикатот.