Анти-терористичка акција во Турција

Во антитериристичката операција во Истанбул турската полиција приведе десет лица и конфискува три бомби, карти и список со имиња на високи полициски и воени претставници, врз кои се планирале атентати.
Акцијата била насочена кон членови на терористички организации - Курдска работничка партија (ПКК), Револуционерна партија и фронт за народно ослободување (ДХКП-С) и Марксистичко-ленинистичка комунистичка партија.
Според турскиот весник „Заман“ неколкумина од приведените биле членови на Марксистичко-ленинистичка комунистичка партија и биле подготвени да извршат бомбашки напад. Од нив била одземена карта на голема полициска станица и список со имиња високи полициски и воени претставници.
Во акцијата во Истанбул одземени се и фалсификувани лични документи.
Турската полиција денеска спроведува голема операција против терористичката мрежа Ал Каеда во неколку турски окрузи, при што се приведени голем број осомничени лица.

Се претпоставува дека осомничените регрутирале и префрлале борци во Сирија, Авганистан и Пакистан и собирале пари и оружје за Ал Каеда во тие држави.
Турската полиција упаднала и во канцеларијата на исламистичката фондација „Човекови права и слободи“ во Килис, на границата со Сирија.
Генералниот секретар на фондацијата Јашар Кутлуај изјави дека властите се обидуваат да ја претстават организацијата, како огранок на Ал Каеда.