Нова тура на „Фискална во рака, награда без мака“

На 27 јануари ќе се одржи второ извлекување од наградната игра „Фискална во рака, награда без мака“. Учествуваат сите фискални сметки издадени по 15 ноември, кога почна наградната игра, а ќе може да се испратат по пошта за половина цена односно по осум денари за плик. За таа цел Македонски пошти изработи наменски марки за наградната игра кои се пуштени од денеска во промет, а чинат осум денари.
На ваков начин граѓаните ќе можат да ги испратат пликовите за двојно пониска цена, рече вицепремирерот и министер за финансии Зоран Ставрески на промоцијата на новите поштенски марки, кој очекува поголемиот дел од пликовите да бидат испратени преку пошта.
Очекува и натаму да има голем интерес за наградната игра и оти со неа се придонесува на подобрување за фискалната дисциплина, за изградба на училишта, болници и се она што се финансира од буџетот.
Според генералниот директор на Македонски пошти Рафиз Алити, одлуката за издавање марка е со цел да се придонесе за реализацијата на наградната игра. Посочи дека за првото извлекување пеку поштата биле испратени над 300.000 пликови за наградната игра.
Во второто извлекување главната награда е автомобил фолксваген поло, а има и 150 парични награди од 1.000 до 60.000 денари. Граѓаните можат да ги испраќаат пликовите до 26 јануари на полноќ.