Златна Зора тврди дека е мета на политички прогон

Грчката партија на екстремната десница Златна Зора синоќа го осуди приведувањето на уште еден свој пратеник тврдејќи дека партијата е мета на политички прогон. Во Грција вчера беше приведен уште еден пратеник на екстремно десничарската Златна зора, под обвинение дека имал клучна улога во партијата за која грчките власти тврдат дека дејствува како криминална организација. Притвор е одреден за пратеникот Ефстатиос Букурас, кој е осомничен и за изнуда.
Претходниот ден беа приведени други двајца пратеници. Сите тројца се во полициски притвор и се очекува денеска да бидат во затвор во Атина.