Меѓународната вселенска станица ќе работи до 2024

Меѓународната вселенска станица ќе ги продолжи операциите за дополнителни четири години или до 2024 година, соопшти американската вселенска агенција НАСА. Станицата којашто орбитира околу земјата, вредна 100 милијарди долари, е во функција веќе 15 години, а се очекуваше да работи до 2020 година. Повеќе од десетина земји учествуваат во работата на лабораторијата која е со големина на фудбалско игралиште или повеќе од 100 метри. Станицата ја одржува ротирачки екипаж од шест космонаути од САД, Русија, Европа, Канада и Јапонија. Руските ракети Сојуз го носат тричлените посади до станицата и ги враќаат на земјата. Американските компании Спејс Х и Орбитал Сајансес, пак, со беспилотни ракети ги доставуваат набавките.