Протести во центарот на Киев

Повеќе од 10 000 луѓе се собраа во центарот на Киев за да протестираат поради насилството на украинските власти над демонстрантите. Еден од лидерите на опозицијата, Виталиј Кличко ги повика демонстрантите да се соберат во што поголем број, бидејќи протестите кои почнаа пред месец и половина, последната недела изгубија на бројност.
-Раководството се прави дека не го слуша народот, но ние сме силни и може да ги победиме, рече Кличко пред околу 10 000 луѓе на плоштадот.
Тој додаде дека после 7 јануари очекува нов бран демонстрации со цел да се подготви генерален штрајк во земјата. Протестите избувнаа поради ноемвриската одлука на претседателот Виктор Јануковиќ да се определи за врска со Русија, а не со Европската Унија. Тоа длабоко ги разлути Украинците кои се залагаат за евроинтеграции и кои се против влијанието на Русија.