Нови препукувања меѓу власта и опозицијата

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија соопшти дека по пат на анекс на договор на градежната компанија „Бетон“ ќе и бидат исплатени нови 69.619.516 денари за изведба на дополнителни и непредвидени работи на катната гаража кај „Беко“ во центарот на Скопје.
- Како и во бројни други случаи, договорот бил потпишан со преговарање и без претходно објавување оглас. Со тоа граѓаните на Скопје и Македонија ќе добијат уште една сомнителна градба, која ќе чини многу повеќе од најавените и онака неверојатни 14 милиони евра. Македонија под ВМРО-ДПМНЕ стана шампион во склучување на неверојатно високи анекс договори, со што цената на објектите се зголемува повеќекратно, стои во соопштението на СДСМ.
Вратија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
-СДСМ говорат и баратаат со парите и милионите како со кило краставици и продолжуваат да тресат од ракав суми кои на луѓето им изгледаат далечни. Тоа е така, најверојатно заради самиот факт што нивното раководство плива во милиони, па заради тоа за нив е сеедно дали се 6 или 7, или се 60 или 200 милиони, тие само си тресат празни суми и празни обвинувања, стои во реакцијата од ВМРО - ДПМНЕ на денешното соопштение од СДСМ.
Ова, се посочува, уште еднаш покажува дека СДСМ се однесува несериозно и за нив вредноста на кажаниот збор е еднаква на нула.