Светот ја пречекува Новата 2014 година

Стотици милиони луѓе во светот вечер ќе ја испратат 2013 и ќе ја пречекаат Новата 2014 година. Традиционално, највеселата ноќ ќе биде пречекана и на плоштадот „Македонија“ во Скопје, како и во другите градови во земјава. Скопјани ќе ги забавуваат македонските музички ѕвезди Калиопи, Тијана Дапчевиќ, реобединетото музичко дуо „Куку Леле“ и младиот изведувач на народни песни Мустафа Имери. Новогодишниот концерт ќе почне во 21 часот и треба да трае до раните утрински часови. Точно на полноќ, небото над Скопје ќе биде осветлено со огномет. За најмладите се предвидени театарски претстави, фотографирање со Дедо Мраз и забава со детски песни.