Меѓународна заедница го осуди убиството на либанскиот политичар

Меѓународната заедница го осуди вчерашното убиство на познатиот либански политичар Мухамад Чата. Советот за безбедност на ОН објави соопштение во кое се вели дека го осудуваат „секој обид да се дестабилизира Либан преку политички убиства“. Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека Чата бил „глас на разумот, одговорноста и умереноста“ и го осуди „гнасниот терористички напад“. Чата, кој беше поранешен либански министер за финансии и поранешен амбасадор во САД, беше убиен вчера во напад со автомобил бомба во Бејрут. Заедно со него загина и неговиот возач и уште четворица луѓе, а десетици беа ранети. Засега не се знае кој стои зад нападот. Чата беше познат критичар на режимот на претседателот Башар ал-Асад во соседна Сирија, како и на либанската шиитска милитантна организација Хезболах, која е сојузник на сирискиот режим.