Заеднички контакт центар на македонската и српската полиција на Табановце

Архивска фотографија: Министрите за внатрешни работи на Србија и на Македонија, Ивица Дачиќ и Гордана Јанкулоска на прес конференција во Скопје.

Денеска ќе биде пуштен во употреба заеднички контакт центар за полициска соработка меѓу Македонија и Србија. Центарот официјално ќе го пуштат во употреба министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и српскиот премиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

Отворањето на центарот ќе придонесе кон подобрување на соработката меѓу двете полиции, подобрување на протокот на патници и возила и интензивирање на комуникацијата меѓу двете држави. Ќе овозможи слободен и сигурен граничен премин и подигнување на ефективноста на полициските структури, а полициските службеници ќе имаат можност да разменуваат информации и да разрешуваат евентуални спорни ситуации, објави МИА.

Системот на меѓусебна комуникација се базира на Виенската конвенција за полициска соработка на земјите од југоисточен Балкан.