Министерството за култура v СДСМ

Министерството за култура во писмената реакција на денешната изјава на портпаролот на СДСМ Петре Шилегов оценува дека партијата продолжува со ширење на лаги и невистини чија единствена цел е манипулирање со законите и законските процедури во државата. Од Министерството истакнуваат дека во членот 5 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја точно е наведено дека секое физичко или правно лице може да поднесе иницијатива за подигање меморијален споменик и спомен обележје.
СДСМ, до Јавното обвинителство имено поднесе кривична пријава за организиран криминал против министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ, и против советниците на Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ во претходниот мандат. Се сомневаме дека спротивно на членовите 3, 4, 5 и 8 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, првообвинетата учествувала, поттикнала и ја злоупотребила својата функција на начин што во име на Министерството доставила 13 иницијативи до општина Центар за подигање на 22 спомен-обележја. Иако од содржината и описот на ликовите даден во иницијативите произлегува дека станува збор за изградба на меморијални споменици, за нив не е надлежна општината туку Собранието на РМ, изјави Шилегов.