ССНМ против Законот за медиуми

„Не во наше име“, порача Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, за време на собраниската седница на која се расправа за мeдиумските закони. Додека министерот за информатичко општество ја образлагаше потребата од законот, неколку новинари истакнаа транспарент на кој пишуваше - Не во наше име!

Претседателката на Синдикатот Тамара Чаусидис вели дека се одлучиле на ваков чекор за да покажат дека новинарите се сė уште тука.

„Не му даваме легитимитет на законот за медиуми. Сметаме дека со тој закон не се решаваат клучните проблеми, се отвараат нови. И самиот начин на кој се водеше квази дебатата за овој закон и целата борба што ја водевме веќе осум месеци, кажува каков однос имаат оние што го предлагаат кон медиумските oрганизации и кон новинарите во оваа земја“, рече Чаусидис.

Голем дел од медиумските здруженија и невладини организации не се согласуваат со новите пакет закони за медиуми и бараа нивно повлекување. Власта веќе три години се обидува да го регулира медиумскиот простор, а ова е четврт предлог закон кој ги мина собраниските процедури.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски вели дека законите се квалитетни, а во нив се вградени забелешките и предлозите на ЗНМ.

„Ќе продолжиме да работиме со сите засегнати страни и ќе ги земеме предвид забелешките и предлозите и ќе ги вградиме, доколку се издржани. Имаме поддршка од ОБСЕ, од ЕУ и од САД. Очекувамем по собраниската расправа, квалитетен закон за медиумите“, изјави Ивановски.