Ходорковски не влегува во политика и не бара враќање на имотот

Поранешниот руски нафтен магнат Михаил Ходорковски.

Поранешниот руски нафтен магнат Михаил Ходорковски изјави дека нема да влегува во политиката, ниту да бара враќање на имотот на неговата поранешна компанија Јукос. Во интервју за рускиот магазин „Новото време“ што беше објавен денеска, Ходорковски рече дека немал услови за да биде пуштен од затвор, но оти преку писмо го известил претседателот Владимир Путин дека нема намера да се вклучи во политиката или да си бара враќање на имотот. Ходорковски е со неговото семејство во Германија, откако Путин го помилува и беше ослободен од затворот во близина на артичкиот круг. Се очекува тој денеска да одржи прес-конференција во Берлин. Ходорковски помина во затвор повеќе од 10 години. Тој беше осуден за измама и затајување данок, но неговите поддржувачи велат дека пресудата била политички мотивирана.