ММФ -Украина треба да добие помалку пари

Бордот на ММФ соопшти дека Украина треба да добие помалку пари во која било идна програма за кредитирање, зашто украинската влада недоследно ги спроведува реформите.

Во вчерашното соопштение, бордот исто така наведува дека треба да се бара од владата во Киев да спроведе повеќе економски реформи пред да добие нови пари од ММФ. Бордот ја повикува Украина да го намали буџетскиот дефицит, постепено да почне да ги укинува енергетските субвенции, да го зајакне банкарскиот сектор и да дозволи паѓање на девизниот курс.

Бордот наведува дека сегашната мешавина на владините политики „допринесе за продлабочување на рецесијата“. Украина викендов доби кредит од 15 милијарди долари од Русија. ММФ ја замрзна кредитната програма за Украина во вредност од 15 милијарди долари во 2011 година, откако владата не ги исполни обврските за зголемување на домашната цена на гасот.