„Газпром“ заинтересиран за хрватската „Ина“

Руската компанија „Газпром“ е заинтересирана зa преземање на хрватската нафтена компанија „Ина“, јавуваат хрватски медиуми. Шефот на рускиот нафтен и гасен гигант Алексеј Милер побарал политичка поддршка од унгарскиот премиер Виктор Орбан, тврдат високи извори од Будимпешта. Според информација на хрватскиот весник „Пословни дневник“, токму тој интерес бил една од главните теми на состанокот на унгарскиот премиер и првиот човек на „Газпром“, кој е одржан пред два дена во главниот град на Унгарија. Според засега неофицијални информации, Милер во Будимпешта допатувал на работен состанок со Орбан, а иако формалната причина била големиот проект за гасоводот „Јужен поток“, се разговарало за можноста руската компанија од унгарскиот МОЛ да го откупи сопственичкиот удел во „Ина“.