Украинската власт ветува, опозицијата се сомнева

Протести во Киев.

Лидерот на украинската опозиција Арсениј Јаценјук оцени дека ветувањето од владата дека ќе го потпише договорот за асоцијација со ЕУ е блеф, односно измама. Украинскиот вицепремиер Сергиј Арбузов вчера изјави дека Киев „наскоро“ ќе го потпише договорот за асоцијација со ЕУ. Тој ова го изјави по средбата со еврокомесарот за проширување Штефан Филе во Брисел. Арбузов додаде дека претставниците на Киев и на Брисел треба да разговараат за некои „трговски прашања“ пред потпишување на договорот. Арбузов и Филе соопштија дека ЕУ и Украина ќе подготват патоказ за имплементација на потпишувањето на договорот, дека ЕУ ќе ѝ помогне на Украина во постигнувањето договор со ММФ за финансиска помош и дека билатералните консултации меѓу двете земји ќе продолжат. Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Кетрин Ештон, претходно изјави дека украинскиот претседател Виктор Јанукович ѝ кажал дека тој сè уште има намера да го потпише договорот. Откажувањето на Јанукович во последен момент пред да го потпише договорот минатиот месец предизвика големи проевропски протести во Украина.