Иван Иванов квартет со прогресивен џез по Македонија

„Нов македонски прогресивен џез“ е насловена мини-турнејата на ИВАН ИВАНОВ КВАРТЕТ што од 12 до 15 декември ќе се одржи во неколку градови во земјава. Познатиот саксофонист својата новосоздадена музика ќе ја претстави придружуван од своите пријатели и извонредни инструменталисти - басистот Кирил Туфекчиевски, пијанистот Васил Хаџиманов и тапанарот Пеѓа Милутиновиќ, а серијата концерти ќе ја почнат в четврток во Битола.
Иван Иванов, сакасофонистот и кларинетистот, кој во изминативе две-три години по враќањето од Грац, стана еден од најпожелуваните инструменталисти на домашната сцена (има соработувано со Тони Китановски, Гоце Стефковски, Дамир Имери, Кирил Кузманов, Трајче Велков...), со амбициозен проект ја продолжува својата џез приказна.
Заедно сме вклучени обајцата во проектот и тој е резултат на нашата желба да направиме нешто што ќе ги анимира љубителите на џезот кај нас во Македонија.
Иван Иванов, музичар.

Безмалку на крајот од тековната година, тој се реши со серија концертни настапи својата новосоздадена музика да ѝ ја претстави на домашната публика. Проектот е насловен како „Нов македонски прогресивен џез“ и во него се вклучени Кирил Туфекчиевски (басистот на ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ и музичарот кој своето формално образование го заокружи на истата високошколска институција во Австрија) и двајца врвни белградски инструменталисти – пијанистот Васил Хаџиманов (кој во последно време сем на интернационалната сцена е сè поприсутен во Македонија) и тапанарот од неговиот матичен состав - Пеѓа Милутиновиќ. Во оваа формација тие најнапред ќе свират во „Порта џез“ во Битола, в петок се во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, следната ноќ во прилепскиот клуб „Тејк фајв“, а завршуваат в недела со настапот во салата „Бели мугри“ во Велес, родниот град на Иванов.
Ние ова го правиме од голема љубов кон џезот. Многу енергија вложуваме во нешто што отсекогаш сме го сакале да го правиме.
Иван Иванов, музичар.

Говорејќи за оваа серија на концерти, тој вели дека таа е плод на заедничката идеја што подолго време ја развивале со Туфекчиевски.

Васил Хаџиманов, музичар.


„Заедно сме вклучени обајцата во проектот и тој е резултат на нашата желба да направиме нешто што ќе ги анимира љубителите на џезот кај нас во Македонија. Значи продолжуваме онаму каде што застанавме пред две години кога имавме турнеја, со тоа што сега во квартетот имаме различни музичари. Пеѓа и Васил се во бендот, но звукот генерално ќе биде препознатлив за еден џез квартет со клавир, тапани и бас. Битно е што ќе свириме нова музика, музика што успеав да ја напиша во последниве неколку месеци. И, ќе видиме што ќе биде, како на неа ќе реагираат луѓето во публиката“, вели Иванов.

Саксофонистот и доцент на Факултетот за музичка уметност дополнува дека во тој процес на креација се инспирирал слушајќи ги „ѕверките на њујоршкта џез сцена“, дека на него влијаело она што го свират инструменталисти како Бренфорд Марсалис, Џастин Браун, Џонатан Блејк, Џастин Фолкнер, Арон Паркс и други. Тој притоа нагласува дека особено внимание посветил на виртуозноста и сензибилитетот на луѓето кои ќе бидат заедно со него на сцена.

„Со Васил се знаеме година-две и многу често разговаравме дека треба да направиме нешто заеднички. На почетокот од 2013 го викнавме и отсвиревме неколку свирки во различни клубови. Нему тоа му се бендиса, нам уште повеќе и затоа беше лесно да го заокружиме проектот. Со Пеѓа беше полесно, бидејќи тој со години свири во ВАСИЛ ХАЏИМАНОВ БЕНД и тие функционираат идеално барем досега“, вели Иванов.

Тој не заборава да спомене дека можеби ќе било подобро дури и да го сменат името, но вели дека тоа останало само затоа што тој некако останал организациски да ги турка работите и да се грижи да прогресира проектот. Притоа, дополнува дека тоа и не е толку важно колку самиот чин на изведба во кој влегуваат со многу енергија и растеретени од каков било императив.

„Ние ова го правиме од голема љубов кон џезот. Многу енергија вложуваме во нешто што отсекогаш сме го сакале да го правиме. Е, сега како тоа ќе биде прифатено останува да видиме. Музички сето ова е поразлично од она што го работат сите останати кај нас, а се надевам дека во публиката ќе се најде барем еден млад вљубеник во импровизираната музика кој откако ќе не слушне ќе седне и ќе вежба за да еден ден и тој се искачи со своја музика и со група истомисленици на некоја од сцените овде или било каде. Ете во тоа е суштината, а не колку влезници ќе продадеме и дали нешто ќе ни остане на крајот на турнејата“, вели Иванов.

Конечно, иако е прерано да се говори, се поизвесно станува дека ваква една серија на концерти е возможна и во соседна Србија, а Иванов не се сомнева дека материјалот е доволно добар да се најде на вториот носач на звук на неговиот квартет.