Хезболах ја обвини Саудиска Арабија за бомбашки напад во Бејрут

Шефот на либанската милитантна шиитска организација Хезболах ја обвини Саудиска Арабија за бомбашкиот напад врз иранската амбасада во Бејрут. Во самоубиствениот напад на 19 ноември загинаа 25 луѓе. Одговорноста за нападот ја презеде организацијата Бригадите на Абдула Азам, која е поврзана со Ал Каеда. Според нив, нападот е извршен поради поддршката од Иран и од Хезболах за сирискиот режим на Башар ал-Асад. Шефот на Хезболах, Хасан Насрала, вчера изјави дека верува оти напаѓачите се поврзани со саудиските служби за безбедност. Според него, причина за нападот е „неуспехот“ на Саудиска Арабија во Сирија. Саудиска Арабија е најголемиот меѓународен поддржувач на сириските бунтовници.