Кери од денеска во посета на Европа и на Блискиот Исток

Американскиот државен секретар Џон Кери денеска ја започнува посетата на Европа и на Блискиот Исток. Најнапред Кери ќе присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел, на кој ќе се расправа за повлекувањето на странските сили од Авганистан. Во четврток и петок Кери требаше да учествува на состанокот на ОБСЕ во Киев, но наместо тоа, тој ќе ја посети Молдавија. Стејт Департментот не коментира зошто Кери го одбегнува престојот во Украина. Во рамките на престојот на Блискиот Исток, Џон Кери ќе ги посети Ерусалим и Рамала, каде што ќе разговара за израелско – палестинскиот мировен процес.