Западот разочаран од односот на Русија кон Украина

Западните лидери денеска изразија разочараност од притисоците на Русија врз Украина за непотпишување на спогодбата за поблиски врски со Европската Унија. Германската канцеларка Ангела Меркел, по завршувањето на самитот во Вилнус, изјави дека мора да се надмине менталитетот - или со нас или со нив. Студената војна е завршена, рече Меркел. Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека Украина била под притисок, веројатно поради гасот од Русија. Европската Унија ја покрена програмата за Источно партнерство со 6 земји од поранешниот Советски сојуз, но само Грузија и Молдавија ги парафираа иницијативите за Асоцијација и слободна трговија. Инаку, денеска во Киев се одржуваа и про-европски демонстрации на кои се бараше склучување на договорот со Унијата, но и собир на кој беше подржана одлуката на претседателот Виктор Јанукович за непотпишување на спогодбата.