Сотиропулос: Европскиот совет ги одреди условите за Македонија

Ние сме подготвени и грчкото претседателство со Европската унија ќе го поддржува проширувањето и тоа многу неутрално во однос на сите кандидати за членство“. Ова денеска во Брисел го изјави шефот на постојаното претставништво на Грција во Унијата, амбасадорот Теодорос Сотиропулос на претставувањето на програмата на следното грчко претседавање што почнува од 1 јануари идната година. Тој изјави дека ги знае препораките на Европската комисија и на Европарламентот за почнување на преговорите на Македонија со Европската унија. „Проширувањето е во надлежност на Европскиот совет. Тој Совет во минатата година, многу, многу јасно изрази и утврди кои се условите за вашата земја да може да оди напред“, изјави Сотиропулос, наведувајќи дека Грција сака да има европски соседи. Инаку, клучни приоритети на грчкото претседавање ќе бидат сузбивањето на економската криза, стабилноста на еврозоната, формирањето банкарска унија и заедничката политика спрема азилантите и имиграцијата.