Од една до 10 години затвор за лоши родители

Ако родителот го наведува детето на питачење, и ако тоа се случи за првпат, Центарот за социјална работа прво ќе го предупреди родителот, ќе го надгледува вршењето на родителското право и ќе го советува. Но, ако родителот и покрај укажувањата повторно го наведува детето на питачење или врши насилство врз него, Центарот е должен времено да му го одземе детето, задолжително да покрене постапка пред надлежниот суд и да поднесе кривична пријава против родителот. Ова се предвидува со измените на Законот за семејство усвоени на последната седница на Владата кои денеска на прес-конференција ги презентираше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Доколку Центарот не постапува по законот предвидени глоби во износ од 1.000 до 1.500 за овластеното служено лице, од 3.000 до 5.000 евра на правното лице за прекршок и 1.500 до 2.000 евра на одговорното лице за прекршок.

„Согласно измените на Кривичниот законик кои се во собраниска процедура за кривичното дело Запуштање и малтретирање на дете се превидени казни затвор од една до десет години. А доколку делото е сторено спрема дете со давање наркотични дроги или психотропни супстанции, сторителот ќе се казни со затвор најмалку осум години“, изјави Спасов.