СДСМ: целта на случајот Шиповиќ е да се блокира општина Центар.

СДСМ денеска побара да се создадат услови претседавачот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ да се брани од слобода.

Со тоа, сметаат од СДСМ, ќе се овозможи Советот на општина Центар да се деблокира. СДСМ смета дека немаше потреба Шиповиќ да се пресретнува на половина пат во Виена и тој можеше да се врати многу порано и без екстрадиција.

Дополнително, тој самиот се откажа од заштитата на австриските судови и лично побара да биде екстрадиран уште на 4 ноември, рече на прес-конференција потпретседателот Дамјан Манчевски.
Според СДСМ, целта на власта со случајот Шиповиќ е да се блокира работата на општина Центар.

Како што е познато, австриските власти пред десеттина дена го одобрија барањето за екстрадиција на Шиповиќ, кој е прво осомничен во случајот за финансиски криминал во фирмата „Машинопромет“. Претседателот на Советот на општина Центар беше уапсен на аеродромот во Виена на 15 октомври, на враќање од САД.