ЕУ ќе соработува со опозицијата во Украина

Евро-комесарот за проширување Штефан Филе ја откажа планираната посета на Украина, откако Киев соопшти дека се откажува од потпишувањето спогодба за асоцијација со ЕУ. Филе им се јавил на опозиционите лидери во Украина за да им порача дека Унијата и натаму е посветена на соработката со украинскиот народ и ги повикал на средба во наредната недела во Вилнус, на маргините на самитот на ЕУ, посветен на источното партнерство. Соработката со опозиционите партии во Украина треба да биде зајакната, се вели во порака од канцеларијата на Филе. Во меѓувреме, пратеникот на ЕУ за Украина, Александар Квашњевски изрази разочараност од одлуката на Киев.