САД и Авганистан постигнаа согласност за Безбедносниот пакт

Вашингтон и Кабул се согласија во врска со текстот на безбедносниот пакт, пред денешното отворање на Лоја Џирга, односно Големиот Совет. Американскиот државен секретар Џон Кери го објави ова вчера во Вашингтон, неколку часа пред традиционалниот собир на околу 3 илјади старешини и други лидери во главниот град на Авганистан. Тој истакна дека се договорил со авганистанскиот претседател Хамид Карзаи за конечниот јазик на билатералниот безбедносен документ, кој ќе го регулира присуството на американските сили во Авганистан откако во идната година ќе заврши борбената мисија на НАТО, но не наведе детали.
Кери додаде дека во разговорите не станало збор за можноста за американско извинување до Авганистан и оти Карзаи не побарал извинување.